МАСТЕР-КЛАСА СО РОЏЕР ДИКИНС: САКАМ ФИЛМОВИ ШТО СЕ ФОКУСИРААТ НА ЛИКОВИТЕ

24.09 2018
МАСТЕР-КЛАСА СО РОЏЕР ДИКИНС: САКАМ ФИЛМОВИ ШТО СЕ ФОКУСИРААТ НА ЛИКОВИТЕ

На денешната прес-конференција беше претставен тимот од филмот „Благородни лаги“, кој синоќа беше прикажан во чест на Клаудија Кардинале, добитничката на Специјалната Камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност. Изненадување за новинарите беше што дојде и Клаудија Кардинале, заедно со Паоло Роси, продуцент на филмот, и Емануела Закерини, продуцент.

Директорката на фестивалот, Гена Теодосиевска ја претстави екипата истакнувајќи дека филмот „Благородни лаги“, снимен во 2017 година, предизвика големо интересирање во јавноста, а Кардинале дополни дека многу и’ се допаднала улогата во филмот.

– Ми се допадна сценариото и ентузијастички реагирав на него, бидејќи беше и дебитантски филм на режисерот Антонио Пису. Јас во филмот играм старица, мажена сум за еден постар човек и имам еден постар брат, но морам да кажам дека бев опкружена со многу добри актери и сметам дека за еден филм е многу важно да се има добра актерска екипа. Кинематограферите ми оставија голем впечаток, бидејќи тие се многу важни, а од режисерите омилени ми се Висконти и Болоњини. Инаку немам омилен кинематографер, со сите имам одлична соработка, рече Кардинале.

– Не, не, не, јас не сум филмска дива, јас сум обична жена! – извика Клаудија Кардинале.

Паоло Роси, заблагодарувајќи се на дадениот простор на фестивалот, рече дека за филмот ја одбрал Клаудија бидејќи е многу посебна личност.

-Таа живее нормален живот, а не како ѕвезда, и тоа е она што им се допаѓа на луѓето секаде во светот. Благодарен сум и за поддршката, бидејќи таа знае колку е тешко да се дебитира во Италија со независна продукција и сакаше да ни помогне. Таа не е како Софија Лорен и другите ѕвезди. Најпознатиот италијански филмски критичар за овој филм вели дека со оглед на тоа дека е многу тешко денеска да се направи независен филм, ова дело ја надминало таа препрека токму затоа што е различен од останатите филмови во италијанската кинематографија, рече Роси.

– Паоло е исклучителна личност, професионалец во секоја смисла и сметам дека филмот ќе остане запаметен и ќе има едно ново влијание во филмскиот свет, рече Закерини.

Сите членови на екипата беа едногласни дека им се допаѓа Битола, организацијата на фестивалот и се фасцинирани од мозаиците во Хераклеа и од македонската кујна.

Кинематограферот на филмот „Транзит“, Ханс Фром ги сподели искуствата од снимањето на филмот, кој синоќа беше прикажан во рамките на главната програма. Со оглед на тоа дека филмот се одвива во Марсеј, каде се среќаваат бегалци од Втората светска војна и бегалците од денешницата, гостинот во разговорот со селекторот Благоја Куновски-Доре, се осврна на состојбата со бегалците.

-Тоа е многу актуелна приказна, тоа се негативните искуства на современа Европа која сега мора да се справи со бегалците. Германија не беше толку строга во однос на политиката кон бегалците, но се појавуваат десничарски партии кои се против бегалците или кои сакаат да го спречат протокот на емигранти. Морам да кажам дека она што се случува во Германија, е дека главно луѓето не се наклонети кон исклучување на мигрантите или кон некој вид на неофашизам, рече Фром.

Режисерот на филмот „Глуво дете“, Алекс де Ронде во разговор со Марија Џиџева, селектор на документарната програма, говореше за мотивите за снимање на фимот и справувањето со проблемите на глувите лица.

-Главната мотивација да го направам филмот „Глуво дете“ беше тоа што повеќето други филмови за глуви деца многу повеќе се осврнуваат на хендикепот што мора да биде поправен од докторите или учителите, но мојата главна цел беше да го прикажам глувото дете како дел од едно културно малцинство, со сопствен јазик и сопствена култура. Едноставно сакав да порачам дека сум загрижен за иднината на глувите деца. Секаде во светот училиштата за глуви деца се затвораат, тие треба да одат во редовни училишта и таму не им е лесно, рече Алекс де Ронде.

Мастер класа со Роџер Дикинс, добитник на Златна камера 300 за животно дело

Отворениот разговор со кинематограферот Роџер Дикинс, „Оскаровецот“ со ИСТРЕБУВАЧ 2049, кој го отвори годинешното издание на „Браќа Манаки“, во буквална смисла на зборот ја преполни Малата сала на Домот на културата во Битола со филмски професионалци, новинари, фестивалски гости, студенти од земјава и странство. Разговорот го водеше Најџел Волтерс од ИМАГО (Федерација на кинематограферите од светот со 53 национални здруженија и над 4.300 кинематографери како членови).

Дикинс потсети на неговите почетоци во филмот, најпрвин како студент на Националната Филмска школа во Лондон во првата половина на седумдесеттите години, каде што дошол од малото родно гратче Торквеј во Југозападна Англија.

Пред да започне со снимање играни филмови, Дикинс снимал документарци, и го сподели неговото искуство од тој филмски род.

-Кога снимаш документарни филмови, треба да го извежбаш окото да види што ќе се случи следно, за разлика од играните филмови, каде што може да се прават проби и да се преснимуваат кадрите по неколку пати, вели Дикинс.

На почетокот на разговорот тој го спомена и неговото искуство со техниката за десатурација (намалување на интензитетот на бојата) во филмот „1984“ (екранизација на романот на Џорџ Орвел), и тоа е прв долгометражен игран филм што ја користел таа техника. Инаку, во филмот „1984“ не се користеле визуелни ефекти, туку сè е изработено со комбинирани техники.

-Се игравме со техники со кои можевме да прикажеме нешто што денес се реализира само со притискање на копче, посочи Дикинс.

Тој истакна дека улогата на кинематограферите во реализацијата на филмот е голема затоа што им остава простор на актерите да ја извршат нивната работа.

Со режисерот Боб Рејфелсон го снимил својот прв американски филм, ПЛАНИНИ НА МЕСЕЧИНАТА, во стилот на иронична комедија, но смета дека тој филм не испаднал премногу добро.

-Сметам дека јас не бев вистинската личност за работа на тој филм и со тој режисер, самокритично изјави Дикинс, додавајќи дека некогаш луѓето што работат на филм не си одговараат.

Модераторот Волтерс го истакна филмот БЕГСТВОТО ОД ШОШЕНК како еден од неговите омилени филмови, и го праша Дикинс зошто и нему не му е меѓу фаворитите.

-Замислував дека приказната на филмот ќе биде прикажана во побрутално и пореално светло, но мене ми делуваше некако поублажено, смета Дикинс.

За искуството во филмот ФАРГО на браќата Коен, Дикинс се сеќава дека идејата била да го снимат во документаристички стил, со повеќе набљудување на ликовите.

-ФАРГО е брилијантен филм, но за мене беше голем технички предизвик. Браќата Коен точно знаеја што сакаат и беше искористено сè што беше снимено, вели Дикинс.

Плодната соработка со браќата Коен продолжила со филмовите О БРАТЕ, КАДЕ СИ, ЧОВЕКОТ КОЈ НЕ БЕШЕ ТАМУ, НЕМА ЗЕМЈА ЗА СТАРИ ЛУЃЕ…

-Во О БРАТЕ, КАДЕ СИ за првпат користевме техника за дигитализирање со тајмирање на материјалот, што бараше долга и тешка работа. Сакавме да го постигнеме ефектот на насликана фотографија, објаснуваше Дикинс.

За ЧОВЕКОТ КОЈ НЕ БЕШЕ ТАМУ истакна дека е еден од најдобрите филмови на коишто работел.

-Браќата Коен генијално го замислиле филмот, вели Дикинс, посочувајќи и дека кинематограферите и актерите одлично се разбираат на филмските сетови само со поглед.

Воената драма МАРИНЦИ/ JARHEAD во режија на Сем Мендез исто спаѓа во поомилените филмови за Дикинс.

-Среќа што пред 12 години веќе имаше дигитални ефекти, па можевме да снимиме посебни сцени од запалената нафта и да ги комбинираме со сцените со ликовите, објаснуваше Дикинс.

Фестивалскиот лауреат истакна дека ги сака филмовите заради ликовите.

-Ликот што го толкува Рајан Гослинг во ИСТРЕБУВАЧ 2049 ми изгледаше некако празен, па малку и го сожалував, рече Дикинс додавајќи дека филмот ПАД ОД НЕБО му изгледал поинаку од останатите од серијалот за Џејмс Бонд токму заради фокусирањето на сторијата на ликовите.

МЕДИА деск Македонија на 39-от ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола го одржа настанот “The 1-st Close up gathering in honor of international cinematographers”/„Првата Close up средба во чест на интернационалните кинематографери“. На средбата присуствуваа голем број домашни и странски кинематографери, продуценти, режисери, како и овогодишниот лауреат на наградата „Златна Камера 300“ Роџер Дикинс и добитничката на специјалната награда „Златна камера 300“ Клаудија Кардинале.  На првата Close up средба свое кратко обраќање имаше и господинот Фрејк Јанмат, претставник од Делегацијата на Европската Унија во Скопје, кој ја поздрави оваа инцијатива на МЕДИА деск Македонија со која се означи почетокот на серија средби таканаречени „Close ups”. Средбите ќе се одржуваат во текот на годината со цел да се спојуваат различни професионалци од аудиовизуелниот сектор, разменувајќи искуства и решенија за конкретни проблеми. Секој “Close up“ ќе биде посветен на различна тема и ќе опфаќа конкретни домашни и странски професионалци од поединечните области во секторот кој го поддржува МЕДИА. Се разбира, основата на овие средби се темели на поддршката на програмата Креативна Европа МЕДИА и секогаш МЕДИА Деск-от во Македонија ќе ги стимулира македонските апликанти да дојдат до финансиски средства за полесно да ги остваруваат своите идеи и да ги реализираат проектите што ги замислиле.

На годинешното фестивалско издание во Битола се прикажуваат 7 филма кои се поддржани од програмата Креативна Европа-МЕДИА, од кои 3 се во официјалната селекција.

Меѓу седумте филма е и документарецот „Пофалба на ништото“ на српскиот режисер Борис Митиќ, кој со поддршка на МЕДИА Дескот МК доаѓа на фестивалот за да одржи работилница со студентите на 25-ти септември, во 13 часот (Центар за култура-Битола, мала сала). Филмот „Пофалба на ништото“ доби 50.000 евра финансиска поддршка од МЕДИА во повикот за ТВ програми, кој е отворен за независни европски продуцентски компании чиј бизнис-план вклучува соработка со најмалку три телевизиски куќи од повеќе земји-членки на потпрограмата МЕДИА.

Утре на ИФФК „Браќа Манаки“ почнува детската програма, а во рамки на фестивалската програма „Првите филмови, први“, ќе се одржи мастер класа со кинематограферот Кристијан Бергер и со сценографот и дизајнерот Кристоф Кантер на тема „Создавајќи го стилот на филмовите на Ханеке“.

Утре (25.09) ќе се одржи и Балканската конференција на ИМАГО, асоцијација на кинематограферите.

FaLang translation system by Faboba