Специјалната награда „Златна камера 300“ за придонес во светската филмска уметност
БРУНО ГАНЦ
Постојат актери кои ве освојуваат со својата едноставна енергија во креирањето; со споредните, и навидум невидливи, но и со најкомплексните филмски ликови. Бруно Ганц (Bruno Ganz) е еден од тие актери, еден од малкуте витези на чистиот актерски израз со улоги во над шеесетина филмови. Роден е во Зибах (Seebach), Швајцарија, во 1941 година; на неговата голема љубов─театарот му се посветува во 1961 година за во 1970-та заедно со режисерот Петер Штајн да ја основаат експерименталната театарска сцена во Берлин, Шаубине (Schaubuhne). Своето филмско деби го има во 1960 година, со мала и незначајна улога во филмот на Карл Сутер „Кавалерот во црното дерби“, додека првата карактерна филмска улога ја добива во филмската адаптација на драмата од Горки, во режија на Петер Штајн, „Гости во лето“ (од 1976 година) каде што го толкува ликот на Јаков Шалимоф. Неговата вистинска филмска кариера започнува со толкувањето на улогата на младиот и храбар руски гроф, во филмот на Ерик Ромер „Маркизата од О“ (од 1976 година) . Бруно Ганц ─ трагајќи по посакуваната емоција од ликот ─ може вртоглаво лесно да се трансформира, и вешто да го персонифицира својат актерски потенцијал како во историските така и во современите филмски карактери.
За да ја почувствуваме филмската магија што ни ја нуди извонредниот актер Бруно Ганц, добитникот на специјалната награда „Златната камера 300“ за особен придонес во светската кинематографија на 36. издание на ИФФК „Браќа Манаки“, треба да имаме на ум неколку негови улоги:
─Улогата на милиот ангел Дамиел, во Вендерсовиот „Небото над Берлин“ (Wings of Desire), од 1987 година; улога која му донесе меѓународна филмска слава. Дамиел е невидливиот ангел којшто со векови стрпливо ги наслушува мислите и надежите на луѓето. Tој, Бруно Ганц, ангелот Дамиел го следиме низ овој антологиски филм, како метафора на осамениот Создател кој е сведок на создаденото. Го паметиме со косата подврзана во коњско опавче, и по ненаметливото и дискретно седнување до оние кои сонуваат, тагуваат, посакуваат, љубат, патат, а незаборавна ќе остане и сцената кога е искачен над високите бетонски зданија бдеејќи над Берлин.
─Неговата најтешка актерска задача, пак, тој ја претвора во предност „живеејќи“ на филмското платно во ликот на Адолф Хитлер, во филмот на Оливер Хиршбигел Der Untergang (2004) или „Downfall“, кај нас познат како „Хитлер, последни денови“, каде што Ганц, со својата возбудлива актерска харизма, успева од ова чудовиште на 20. век да ја извлече неговата подла и несигурна страна на понизен и ограничен човечки лик.
─Би го споменала и ликот на импресивниот професор Рол, во „Читачот“ од 2008 година; ─На искрениот и упорен заводник Фернандо Џирасоле, кој заедно со Росалба Бартлета како Малјета, во романтичната италијанска комедија „Леб и лалиња“ од 2000 година, на режисерот Силвио Солдини, нѐ уверуваат дека љубовта сепак може да се пронајде.
─Го паметиме и по добронамерниот и верен другар на Том Рот, професорот Станчулеску; ─Во мистичната драма на Френсис Форд Копола „Младост без младост“ од 2007 година, филм направен според романот на Мирчеа Елијаде.
─Потоа по мудриот шеф на германската полиција, Хорст Харолд, во филмот на Ули Едел „Комплексот Бадер-Мајнхоф“ од 2008 година;
─Но, и по неговиот бравурозен сценски Фауст во 2000-та.
Бруно Ганц е посакуван актер на драматични ликови, ликови од чие лице не може веднаш да се наѕре насоката на филмот, лице кое приредува непредвидливи пресврти. Талентираниот норвешки режисер, Ханс Петер Моланд, го ангажира Ганц да го толкува ликот на српскиот мафијашки кум, Папа, во неговата акциска црна комедија „Според редот на исчезнување“, снимен 2014-та. Во оваа улога Ганц успешно ја доловува балканската стереотипија на закоравени и традиционални гастарбајтерски ликови, со целиот свој раскошен актерски арсенал.
Тој соработува со најистакнатите режисери во современата филмска уметност, па: Ерик Ромер, Вернер Херцог, Вим Вендерс, Френсис Форд Копола, Стивен Далдри се само дел од нив, а негови партнери биле: Сер Лоренс Оливие, Клаус Кински, Денис Хопер, Питер Фалк, Стелан Скарсгаард, Ралф Фајнс, Лијам Нисон, Мартина Гедек и други. Голем број филмови во кои настапувал Ганц беа прикажувани на најзначајните филмски фестивали, добија, или беа номинирани за највисоките европски и меѓународни филмски награди, а само тој, за своите улоги за врвни актерски остварувања, има добиено над триесетина меѓународни награди, признанија и почести. Меѓу нив секако се највисоките филмски награди и признанија во родната Швајцарија, а потоа и во Австрија и Германија; најнеобична е австриската награда „Прстенот Ифланд“ (Iffland Ring) која му е предадена, и ја носи од 1996 година, а се доделува на најзначајниот и најеминентниот актер од германското јазично подрачје, и познат е како Седмиот господар на прстенот; и секако Наградата за животно дело, во 2010 година, на доделувањето на Европските филмски награди во Берлин. Најголемиот број на награди ги добива за успешното отелотворување на Хитлер─ролја на која Бруно Ганц и посветува четири месеци; време кое тој го исполнува со една грижливо истражувачка и сериозна актерска активност ─ разговарајќи со историчари, сведоци, доктори, набљудувајќи стари фотографии со денови, гледајќи оскудни архивски снимки од овој монструм. Неговиот ангажман и исклучителната професионална посветеност ни го донесе на филмското платно најуверливиот Адолф Хитлер─филм што беше прогласен помеѓу 30. најдобри воени филмови на сите времиња. Овој филм на светската филмографија ѝ донесе уште едно големо актерско име─ името на Бруно Ганц; име кое со необичниот актерски сензибилитет ќе остане запаметено од генерации филмофили, познавачи и искрени почитувачи на филмската уметност.
Бруно, ние ти се поклонуваме.
Гена Теодосиевска,
Филмски критичар