Директорката Гена Теодосиевска кон крајот на ноември ќе биде член на Интернационалното главно 5-члено жири на Филмскиот фестивал во Братислава, Република Словачка, во чија компетиција се селектирани дебитантски или втор филм на некој автор.

Селектор и уметнички програмски директор на фестивалот во Братислава е истакнатиот белградски филмски критичар и продуцент Ненад Дукиќ.

Уметничкиот директор Благоја Куновски-Доре, од 10 до 17 ноември ќе биде член на жирито на светската критика ФИПРЕСЦИ, на 26 -тото издание на „Camerimage“ во полскиот град Бидгош, помладиот од нашиот „Браќа Манаки“, двата водечки светски фестивала кои се посветени на уметноста на кинематограферите. Во Главната компетиција на „Camerimage“ се селектирани 13 филмови од светот, со традиционална доминација на американските холивудски продуценти, од кои има дури 8 филмови. Интернационалното жири ќе додели три награди: Златната, Сребрената и Бронзената жаба, а жирито на ФИПРЕСЦИ ќе ја додели единствената награда за најдобриот кинематографер.